Предвидување на победникот на Светското првенство

Translated into Macedonian (Original version)


Дали се сеќавате на Пол, октоподот? Беше ѕвезда на Светското првенство во 2010 година, успевајќи да ги погоди победниците на натпреварите што ги играше Германија. Точно го предвиде и победникот во финалето. Кариерата ја започна на Европското првенство во 2008 година,  кога даде точна прогноза на резултатите на 11 од  вкупно 13 натпревари. Избираше помеѓу две кутии со храна обележани со националните знамиња на тимовите што го играа натпреварот. За жал, почина на крајот на 2010 година.

Пол не беше единствен. Дури и крокодилот Хари точно го предвиде победникот на Светското првенство во 2010 година. Освен тоа, беше во состојба да предвиди и два последователни резултати на сојузните избори во Австралија. Сепак, никогаш не стана популарен како германскиот октопод. Ниту Мани, папагал од Сингапур, којшто точно ги предвиде сите четвртфиналиња и полуфиналиња на Светското првенство во 2010 година, не помина подобро, бидејќи не успеа да го погоди победникот на натпреварот помеѓу Шпанија и Холандија.

Од предвременото заминување на Пол, многумина сакаа да ја преземат неговата круна. За време на Европското првенство во 2012 година, три животни учествуваа во оваа игра: Чита, индиски слон, жител на зоолошката градина во Краков, Полска. Фред, украинската ласица, којашто може да ја следите на Твитер. И Фунтик, украинската видовита свиња, која може точно да предвиди два од три натпревари.

Кој ќе го заземе местото на октоподот Пол за време на следното Светско првенство? Дали тоа ќе биде папагалот, благословен од папата Францис на плоштадот Свети Петар, денес ѕвезда на италијанскиот национален јавен радиодифузен сервис? Или пак Нели, германскиот слон кој досега има дадено точни прогнози за 30 од вкупно 33 резултати на натпревари? Секако, не смееме да ја потцениме и видовитоста на младата панда, која ја поддржуваат кинеските државни медиуми.

Италијанскиот папагал наречен Аморе (на италијански „љубов“) ќе прогнозира избирајќи го знамето на победничкиот тим на минијатурно фудбалско игралиште. Нели претпочита да ги предвидува победниците шутирајќи топка во една од мрежите пред кои се поставени знамиња на земјите кои се натпреваруваат. Од друга страна, малата панда ќе го предвиди исходот на натпреварите избирајќи храна од кутии обележани со знамињата на тимовите за време на групната фаза на натревари, и искачувајќи се на дрво на коешто се вее знаме во нокаут фазата.

Дали имате домашно милениче?
Може ли вашето милениче попрецизно да го предвиди победникот? Како?
Дајте му можност, нека се обиде!

by Milena Chkripeska

0 Votes
#1050 of #1440 in the World
#9 of #9 for Macedonian


Milena Chkripeska's website

Go to the ranking page for Macedonian

Can you translate better?

Join the challenge